Љубомир Спасиќ спортист на Армијата за 2024 година
Носител на титулата Спортист на Армијата за 2024 година е Љубомир Спасиќ, велешкиот кајакар од ККК „Арка Борец“ и член на македонската кајакарска репрезентација, кој е вработен во Армијата.
Пехарот денеска свечено во Скопје му го врачи министерот за спорт Борко Ристовски. Како членка на Меѓународниот совет за воени спортови (ЦИСМ), Армијата на РС Македонија традиционално го одбележува Денот на воените спортови со спектакуларни настани и избор на најдобрите меѓу најдобрите.
Како што информира Спасиќ за МИА, ова признание е кулминација на години напорна работа, дисциплина и посветеност – не само кон спортот, туку и кон честа, должноста и воените вредности што ги носи од првиот ден во Армијата од 2007 година.
– Армијата не е само сила – таа е дисциплина, истрајност и победнички дух! Чест, гордост и мотивација за уште поголеми успеси. Голема благодарност до сите кои ме поддржаа низ годините – ова признание е наша заедничка победа, потенцира Спасиќ.
Додава дека овој момент е повеќе од личен триумф, тој е симбол на посветеноста, на тимската поддршка и на духот на Армијата, кој не познава граници.
Љубомир Спасиќ во 2024 година го освои високото трето место на Светското првенство во Шпанија во категоријата мастерс 35+ и четврто место во генерален пласман на европските купови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа