Манасиевски: СДСМ и Шукова повторно ветуваат решавање на Вардариште, иако тоа го ветија и во 2020 година
Заев, Шукова и СДС, уште во 2020 година ветуваа решавање на Вардариште, кое беше дел од програмата на работата на тогашната власт.
Во програмата насловена како „Можеме’’ за парламентарните избори во 2020 година, СДС, Заев и Шукова ветија итна ремидијација на Вардариште, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Прашува, дали СДС, Заев и Шукова знаат дека имаат ветено повторно доведување во природна состојба на дивата депонија Вардариште и зошто овој проект не бил реализиран изминатите 4 години кога беа тие на власт.
„Зошто Шукова, како државен секретар и министер во Министерството за животна средина и просторно планирање, не го спровела овој проект за кој како што тие барем велат во програмата имаа обезбедено и финансиски средства?
Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште, а сега Шукова како кандидат за градоначалник од редовите на СДС за Град Скопје, повторно го ветува истото“.
Според него, СДС, Заев и Шукова, се луѓе на кои народот не им верува и на минатите избори тоа јасно го кажа. Истото, како што вели, ќе се потврди и на овие локални избори на 19 октомври.
„ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски со јасна визија, план и цел, ќе го решат овој проблем за граѓаните конечно да го добијат она што го заслужуваат, а тоа е почиста животна средина, почист воздух и намалување на бројот на дивите депонии“, додава Манасиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа