Македонија2025: Обука за идни лидери во бизнисот и претприемништвото

 

Седумнаесеттото издание на ЛИДЕР Проектот, едукативна програма за млади професионалци, идни менаџери и претприемачи од Македонија, стартуваше денеска. Обуката се реализира во организација на Македонија2025, во соработка со престижната бизнис-школа „Ричард Ајви“ од Канада.

Млади професионалци од цела Македонија ќе имаат можност да учествуваат во  интензивната двонеделна обука, креирана според МБА програмите на „Ајви“, и прилагодена да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат стартапите, малите и средни претпријатија, но и идните менаџери во корпоративниот сектор.

Програмата вклучува теми од областа на стратегија, маркетинг, финансии, управување со човечки ресурси, развој на производ, подготовка на бизнис план и лидерство. Работата е базирана на студии на случај, симулации и практични вежби, а учесниците ќе добијат и индивидуални менторски сесии од инструкторите од Канада.

- ЛИДЕР Проектот е потврда за нашата силна заложба да изградиме генерација млади лидери кои ќе придонесат за економскиот развој и иновациите во Македонија. Веруваме дека вложувањето во знаење, претприемнички дух и лидерски вештини е основа за посилна и поконкурентна нација,“ изјави проф. д-р Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен директор на Македонија2025.

Како што информираат од Македонија2025, програмата и оваа година е збогатена со гостински предавања од македонски бизнис-лидери, кои ќе споделат практични искуства и ќе дискутираат за предизвиците и можностите во локалниот и глобалниот бизнис екосистем. На крајот на обуката, учесниците ќе презентираат сопствена бизнис идеја пред комисија составена од претставници на бизнис заедницата. 

22.04.2025 - 10:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега