Македонија и Италија во заедничка борба против фалсификувањето пари

 

Во Народната банка се одржа работна средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, нејзиниот тим и италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери и високите претставници од Одделот за борба против фалсификување пари на корпусот на Карабинерите, генерал - командант Џанлука Витаглиано и поручник Пиер Луиџи Фери заради размена на искуства и истражни техники против фалсификување пари. На средбата беше заклучено дека Народната банка постојано ги јакне своите капацитети во овој домен следејќи ги европските стандарди. Притоа беше истакнато дека меѓународната соработка е од исклучително значење за справувањето со овие појави и дека соработката помеѓу двете централни банки и натаму ќе се зајакнува преку повеќе форми. Амбасадорот ѝ честиташе на Народната банка за успехот поврзан со пристапувањето кон СЕПА (Единствената област за плаќање во евра).

На работниот состанок на кој присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи од Одделот за финансиски криминал, тимот на Дирекцијата за трезорско работење во Народната банка организира презентација во однос на правната регулатива, институционалната поставеност и начинот на функционирање на системот за борба против фалсификувањето пари, како и за заштитните елементи на денарите.

Беше претставена улогата на Народната банка, којашто како единствена овластена институција во земјава, им дава постојана поддршка на вработените во кредитните институции и центрите за готовина преку задолжителни обуки за рачна проверка на автентичноста и соодветноста на парите во оптек и преку специјализирани обуки за полициските и царинските службеници, како и за експертите од останатите институции коишто во рамките на своите надлежности преземаат активности за спречување на и справување со фалсификувањето на пари.

На состанокот беше оценето дека мерките и активностите насочени кон спречување и справување со фалсификувањето имаат суштинско значење за целокупниот интегритет и зајакнувањето на стабилноста на домашната економија и на финансискиот систем во земјата, како и за заштитата на финансиските интереси на останатите земји чии валути циркулираат во нашиот платен промет.

Посетата беше остварена во рамките на проектот „Перикле IV“ (2021 − 2027), програма насочена кон финансирање размена на персонал, семинари, обуки и студии за органите за спроведување на законот и судските органи, банките и другите институции вклучени во борбата против фалсификувањето на еврото. Активностите се одвиваат во еврозоната, во земјите на ЕУ надвор од еврозоната и во трети земји.

31.03.2025 - 10:43

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега