Лукаревска: Солидарен данок не платиле уште 19 компании
- Уште 19 компании од вкупно 156 се уште не платиле данок на солидарност. Седумнаесет од нив немаат воопшто никаква уплата, а останатите две направиле парцијално уплаќање, информира денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Треба да се соберат, како што вели Лукаревска во интервју за Гласот на Америка, уште 643,7 милиони денари.
Во коментар дека на агендата на Уставниот суд е Законот за солидарен данок и оти некои бизниси очигледно го чекаат исходот пред да ги подмират своите даночни обврски според овој закон Лукаревска посочува дека УЈП ги контактира 19-те даночни обврзници за да се најде соодветно решение како тие да ги подмират своите обврски.
-Должници имало и ќе има и тоа е дел од нашата законска обврска да треба да ги објавиме со цел да ја запознаеме и јавноста и граѓаните. Данокот на солидарност бидејќи има иницијатива на Уставниот суд ќе видиме како ќе заврши целиот тој процес. Од една страна гледаме дека тој процес за данокот на солидарност со коморите, со засегнатите страни го водевме доста транспарентно и проактивно и напоменавме дека данокот на солидарност всушност е и еднократен. Од друга страна, гледаме дека пак истовремено и компаниите се трудат што побрзо да успеат да ги подмират овие свои обврски, вели Лукаревска во интервјуто.
Таа информира дека најголемиот должник е трговија со електрична енергија во износ од 294,6 милиони денари и очекува дека уплатата ќе се заврши во предвидениот рок.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа