ЛЕВИЦА: Народот тоне во сиромаштија а Уставен ќе враќа милиони на најбогатите
Одлуката на Уставниот суд за укинување на Законот за данокот на солидарност претставува директен удар врз социјалната правда и темелните вредности на Уставот на РМ. Наместо да застане на страната на народот, судот им се поклони на најбогатите и им овозможи да ги задржат екстра-профитите што ги остварија врз грбот на граѓаните за време на економската и здравствената криза. Ова денеска го велат од ЛЕВИЦА преку соопштение кое ви го пренесуваме во целост:
Данокот на солидарност, кој беше воведен по примерот на повеќе европски држави, имаше за цел праведно оданочување на екстра-профитите остварени за време на пандемијата. Наместо да се задржи овој прогресивен механизам за прераспределба на општественото богатство, Уставниот суд избра да ги заштити интересите на најбогатите компании кои остварија енормни профити во време кога мнозинството граѓани се соочуваа со егзистенцијални проблеми.
Додека крупните бизниси и нивните заштитници во институциите слават, граѓаните остануваат заробени во безизлез: минимални плати, енормни трошоци за живот и товарот на ДДВ – данок кој најмногу ги погодува сиромашните. Во оваа држава, работникот, де факто, плаќа повисоки даноци од милионерите, а Уставниот суд сега и официјално потврди дека тоа мора да остане така и дополнително ја продлабочи социјалната нееднаквост во општеството.
И не е прв пат Уставниот суд да застане на страна на експлоататорите, а на штета на работниците, народот. Потсетуваме и на скандалозната одлука со која уставните судии дозволија 72 - часовна работна недела, односно 32 часа подолго од полното работно време, спротивно на европските практики и тенденции за намалување на работното време.
Ваквата одлука на Уставниот суд претставува само уште една потврда за длабоката заробеност на институциите од страна на олигархијата. Левица ќе продолжи да дејствува во насока на воведување на праведен економски систем кој ќе служи на интересите на мнозинството граѓани, а не на привилегираното малцинство.
Дополнително, со цел обезбедување на интегритет на Уставниот суд, пратеничката група на Левица и овој мандат, повторно, ќе поднесе Закон за уставни судии. Со него ќе се воведат јасни и објективни критериуми за избор на уставни судии, со што конечно ќе се прецизира досега нејасната и злоупотребувана формулација „истакнат правник“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа