Левица: Хаос во Детска болница Козле - директорката отпушта искусни лекари и поставува партиски кадри
Јавноста е сведок на уште еден скандал во македонското јавно здравство, овој пат во Специјалната детска болница „Козле“. Директорката Каролина Симоновска, поставена од ВМРО-ДПМНЕ, спроведува класичен партиски терор врз медицинскиот кадар, деградирајќи искусни лекари и заменувајќи ги со послушници без потребното професионално искуство, велат од Левица.
„Според достапните информации, во одделението за бронхоскопија до пред три месеци работеле три искусни докторки, меѓу кои специјалист со 22 години искуство. Токму овие докторки биле исклучени од тимот, бидејќи директорката не сакала да им исплаќа 2.000 денари за приправност. Останатите две колешки писмено се изјасниле дека нема да преземат одговорност без поддршка од поискусните докторки – што е за поздравување, бидејќи одбиле да бидат дел од небезбедна практика.
Во меѓувреме, директорката Симоновска продолжила со теророт: поставени се нови кадри без доволно искуство, а началниците се сменети со специјалисти кои имаат само две години стаж – со што болницата практично се претворила во експериментален терен на неспособното раководство на ДПМНЕ.
Дополнително, специјалистот со 22 години работен стаж е отпуштена додека била на боледување, а истовремено ѝ е укинато здравственото осигурување – што претставува незаконски и нечовечки акт.
Левица прашува:
- Дали здравствениот систем во Македонија стана приватен бизнис на ДПМНЕ, каде се поставуваат партиски кадри по принципот „послушност пред стручност“?
- Кој ќе сноси одговорност доколку неквалификуван медицински персонал загрози живот на дете?
- Дали министерот Таравари ќе ја разреши директорката Симоновска или нејзината партиска поврзаност е поважна од безбедноста на децата?
Ваквиот однос кон јавното здравство е директна закана за здравјето на граѓаните, а Левица нема да дозволи оваа политичка узурпација да помине без одговорност. Бараме итна ревизија на одлуките на директорката и нејзино разрешување!“, стои во соопштението од Левица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа