Ладен туш од Владата за Арсовска за поднесените проекти

 

Град Скопје е една од четирите општини кои нема да добијат дел од унгарскиот колач, поради кој Владата се задолжи кај Орбан. Покрај Град Скопје, пари за проекти нема да добијат Струмица, Теарце и Сарај, под образложение дека не ја поминале фазата на евалуација.

Град Скопје освен проектот со кој бараше пари за набавка на нови автобуси, поднесе и 19 други. Во останатите предлог проекти доставени до Министерството за локална самоуправа, се бараа финансии за нови противпожарни возила, реконструкција на улици, како и пари за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија.

Инаку, по извршената евалуација од страна на ресорните министерства, Владата соопшти дека одлучила оваа година да бидат финансирани вкупно 274 проекти во 77 општини, со вкупна вредност од нешто над четири милијарди денари или околу 65 милиони евра.

„Владата изрази благодарност на општините за максималната посветеност и ангажираност, што само ја докажува нивната способност и волја за инфраструктурен напредок, за што, во изминативе години немале можност поради ограничените финансиски средства. Почнувајќи од оваа година и во наредните години, на општините им се отвара нова можност да ги реализираат приоритетните проекти, да ги подобрат основните услови за живеење за граѓаните, да можат општините да се развиваат побрзо и да се создаваат нови можности за граѓаните“, пишува во владиното соопштение.

 

16.10.2024 - 21:32

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега