Кузеска: ВМРО-ДПМНЕ брутално ја партизира М-НАВ, се загрозува безбедноста на авиосообраќајот
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска одржа прес-конференција, на која портпаролката Богданка Кузеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со „системско уништување на државните институции“, овојпат преку „брутална партизација на М-НАВ“, институцијата одговорна за безбедноста во авиосообраќајот.
Според СДСМ, на огласот за нови вработувања во М-НАВ, избрани се лица кои како единствена квалификација поседуваат партиска книшка. Кузеска потенцираше дека, наместо професионалци со познавање на англиски јазик и стручни лиценци, ВМРО-ДПМНЕ вработува „сопруг на директорка на Централен регистар“ и „сопруга на Игор Југ – осуден за нападот на Собранието на 27 април и потпретседател на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ“.
СДСМ тврди дека се врши „класичен упад во институцијата“, при што се отфрлаат кадри со сите потребни квалификации, а се примаат „партиски војници“. Обвинувањата одат дотаму што некои од кандидатите, иако не знаеле англиски, биле фаворизирани, додека другите кандидати без партиски врски биле одбиени.
Како дополнителен скандал, СДСМ посочува дека интервјуата ги вршеле само директорите од Управниот одбор на М-НАВ, без присуство на претставници на синдикатот на контролори на летање. „Сето ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ го претвора М-НАВ во партиска филијала, наместо во професионална служба која штити животи“, изјави Кузеска.
СДСМ нагласува дека М-НАВ не е партиска играчка, туку институција чии задачи бараат врвен професионализам и стручност поради директното влијание врз безбедноста на луѓето во авиосообраќајот и контролата на воздушниот сообраќај.
Со своите одлуки, ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, директно ја загрозува безбедноста на граѓаните и ја урнисува довербата во една од најважните институции.
СДСМ бара итно поништување на спорниот оглас, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите кои го овозможија овој срам. Партијата најави дека ќе продолжи да ја разобличува оваа власт, која, како што велат, ги гледа институциите само како шанса за партиски вработувања и криминал, а граѓаните ги остава на милост и немилост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа