Кузеска: Бугарија избришa под со државата и македонските граѓани

Секојдневно ВМРО-ДПМНЕ ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изгради СДСМ. По посетата на претседателката Гордана Сиљановска и министрите на Мицкоски во Софија, сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени, истакна на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според неа, вчерашната реакција на кабинетот на Сиљановска потврдува дека Владата и претседателот на оваа држава ги лажат граѓаните, прашувајќи како е можно непланирано официјално да се фотографираат и да ги споделат фотографиите.

„Со оваа посета на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозија македонската самобитност и македонски идентитет. За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани. Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани“, рече Кузеска.

Таа се сомнева во способноста на новото раководство да испреговараат подобри позиции за државата, а го проѕва и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски дека останал нем и без реакција на дипломатскиот скандал. Според опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет ниту достоинство за да преговара со Бугарија на било која тема, а по скандалот ја вратиле државата години назад и ги нарушиле сите позиции изградени претходно.

 
15.09.2024 - 12:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега