Крај на уцените и притисоците врз добавувачите: КЗК најавува строги контроли и казни
Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) упатува јавно предупредување и повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, доставувачи и дистрибутери да постапуваат строго во согласност со Законот за забрана на нефер трговските практики со цел да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.
Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителна пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање на производи, наметнати трошоци и други условувања, кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Секој трговец што врши притисок врз доставувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ, е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
„Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра“, изјави претседателката на КЗК, Малинка Силјановска-Николиќ. Таа повика на одговорност, саморегулација и конструктивна соработка потенцирајќи дека најсилната економија е онаа во која сите играат според истите правила.
„Комисијата не е непријател на бизнисот, туку чувар на правилата. Односите меѓу трговците и доставувачите мора да бидат базирани на рамноправност, предвидливост и договор, а не на притисок, уцени и неформални условувања. Само на тој начин може да се создаде стабилен пазар во кој сите имаат еднаква шанса да успеат“, додаде Николиќ.
Комисијата ги охрабрува сите економски субјекти што се чувствуваат изложени на нефер услови или притисоци да поднесат пријава. Тие ќе бидат третирани со сериозност, професионалност и целосна заштита на идентитетот.
Николиќ најави дека во периодот што следува КЗК ќе продолжи со поактивен мониторинг на трговските синџири и поголем број теренски контроли, отворен дијалог со доставувачи и комори за препознавање нефер практики, правна заштита и постапки против компании што систематски го нарушуваат законот и со едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа