Ковачевски: Во 2023-та ќе го зголемиме производството на струја за 20% повеќе од лани
„АД ЕСМ во 2022 година се соочи со предизвикот да менаџира две големи кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија. Како компанија, можеме да кажеме дека успешно ја извршивме и ја вршиме нашата мисија во ова тешко време – обезбедуваме електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството. Без ниту еден ден рестрикции. Во 2022 година имаме зголемено производство за 27% во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20% споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси“ рече меѓудругото во новогодишното обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Ковачевски наведе дека „изминатиов период покажавме дека со добро менаџирање успеваме да обезбедиме доволно количини на јаглен, мазут и природен гас. Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство“.
„Во време на енергетска криза, одговоривме на сите задолженија од страна на Владата. За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100% електрична енергија, а со поевтина енергија ги снабдуваме и болници, училишта, водостопански претпријатија, прехранбени капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата. Што се однесува до топлинската енергија за Градот Скопје, кога сите кренаа раце и избегаа од одговорност, АД ЕСМ по задолжени од Владата го презеде и овој товар. И успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија на задоволство на огромен број на граѓани“ рече тој во новогодишното обраќање.
„Празнувајте енергетски одговорно, штедете ја електричната енергија“ е порачата на директорот на АД ЕСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа