Колку се опасни енергетските пијалаци за децата?

 

Енергетските пијалоци, односно газираните пијалаци со додаден кофеин, се честа појава на пазарот. Поради нивното колоритно пакување и слаткиот вкус, тие се многу привлечни за децата (но и за возрасните), пренесува n1.

И додека нивните ефекти врз возрасните се добро познати, научниците од Јужна Кореја и САД сакаа да утврдат како тие влијаат на децата.

Студијата, објавена во списанието Substance Use and Abuse, анализира повеќе од 2.000 деца во САД на возраст меѓу девет и десет години и како потрошувачката на енергетски пијалаци влијае на нивното однесување.

Научниците открија дека децата што секојдневно пијат газирани пијалаци со кофеин се поимпулсивни, имаат слаба работна меморија – и што е загрижувачки, почесто се обидуваат да пијат алкохол на помлада возраст.

Нашите наоди сугерираат дека секојдневното пиење газирани сокови со кофеин кај децата исто така влијае на порано користење забранети супстанции во блиска иднина, рече Мина Књон, студент по психологија на Националниот универзитет во Сеул и главен автор на студијата.

Едно можно објаснување е дека состојките содржани во кофеинската сода (кофеин и шеќер) може да предизвикаат токсичен ефект врз мозокот правејќи го поединецот почувствителен на зајакнувачките ефекти на потешките супстанции, како алкохолот.

Тие исто така ја испитувале мозочната активност на децата, од кои било побарано да извршат одредени задачи за да ги проценат нивната работна меморија и нивото на импулсивност.

Истражувачите откриле дека децата што секојдневно пијат енергетски и газирани пијалаци се поврзани со невробихејвиористички фактори на ризик за злоупотреба на супстанции, како што се повисоки резултати за импулсивност и послаба работна меморија.

Тие исто така откриле дека овие деца имаат двојно поголема веројатност да се обидат да почнат да пијат алкохол во рок од една година.

Нивното истражување сугерира дека пијалаците со кофеин се првиот чекор кон консумирање алкохол.

Сепак, тие предупредуваат дека децата што продолжуваат да користат посилни супстанции се веќе генетски предиспонирани за однесување што предизвикува зависност. Имено, детето веќе би можело да има слаба контрола на импулсите, дури и пред да проба газирани сокови.

20.11.2023 - 17:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега