Јанушев за обвинителката Стефанова: Во случајот со Мијалков заплени имот од 30 милиони евра, а наплатени се само околу 350 илјади евра

 

Игор Јанушев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешното гостување во поткастот насловен како На кавга со Иван/На кавга со Мирчевски ги повика надлежните институции да се позанимаваат со имотот на обвинителката Лиле Стефанова. Јанушев посочи дека има индиции за неправилности во врска со нејзината работа.

„Обвинителството барам, еве по допрен глас, нека го провери нејзиниот имот. Има различни муабети, но еве јас тоа го барам и јавно“, рече Јанушев. 

Од тоа што го знам, додаде Јанушев, се сомневам дека има неправилности.

„Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на буџет. Запленет е имот од 30 милиони евра,  од тие наплатени се само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи истата обвинителка“, кажа Јанушев кој информираше дека Стефанова била обвинителка и во неговиот случај.

Јанушев се осврна и на неговите судски случувања поврзан со обвинувања од СЈО кои потоа ги презема обвинителката Лиле Стефанова која тогаш беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал, а потоа или кон крајот на минатата година премина во Републичкото јавно обвинителство.

„Јас сум единствен кој е оштетен затоа што ми е ускратено правото да докажувам невиност. Доколку пресудата беше правосилна ќе можеше да барам правда во сите инстанци, а вака јас сега сум оштетен. Јас правдата сепак ќе ја барам пред Стразбур, апликацијата мислам дека веќе е прифатена. Во обвинението кон мене, иако обвинуваа за 5 милиони евра штета, не се спомнува сума, ниту финансиска штета за државата“, рече Јанушев.

31.07.2024 - 09:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега