Јанчев: Гаши води политика на дезинтеграција преку напад на македонскиот народ

 


„Нема друг службен јазик во меѓународни односи по Устав! Нема тука никаква дилема", истакна пратеникот Сашко Јанчев, кој својот говор на денешната собраниска седница го посвети на македонскиот јазик и неговото погазување и истиснување од државните институции.

На седницата за интерпелацијата за собранискиoт спикер, Африм Гаши, пратеникот Јанчев се повика на повеќе меѓународни документи кои ја потврдуваат неговата теза.

- Венецијанската комисија рече дека предалеку се оди со наметнувањето на албанскиот јазик; дека се излегува од стандардите утврдени со Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици; дека се создава нереална правна обврска за институции, се оптоваруваат и блокираат институции, се загрозуваат права гарантирани со Европската повелба за заштита на човековите права - појасни Јанчев од Левица.

Во продолжение, освен на Венецијанската комисија, тој се повика и на Одборот за образование, наука и култура на Европскиот парламент, согласно која ,,секој Европјанин да го учи службениот јазик, да го научи службениот јазик чиј граѓанин е".

- Еве, што за тоа вика Одбор за образование, наука и култура на Европскиот парламент: ,,пожелно е секој Европјанин којшто не го зборува службениот јазик, да го учи мајчиниот јазик", ама потоа вика дека ,,должност на секој Европјанин да го учи службениот јазик, да го научи службениот јазик чиј граѓанин е" - дообразложи Јанчев.

На крај тој истакна дека Левица нема проблем што Претседателот на Собранието е Албанец, туку тоа што тој работи на дезинтеграција на државата.

- Нам не ни смета Африм Гаши што е Албанец! Нам ни смета што тој води политика за дезинтеграција преку напад на македонскиот народ. Ние сме спремни да се бориме за правата и да ги заштитиме сите групи во Македонија, но, исто така, сме спремни до крај да се бориме против сите политички чинители коишто водат политика на дезинтеграција на Македонија - поентираше Јанчев.

03.09.2024 - 18:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега