Граѓаните на Крива Паланка оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани и се помолија за повредените

 


Неколку стотини млади луѓе, средношколци и граѓани на Крива Паланка вечерва во име на жртвите во Кочани се собраа тргнувајќи од градскиот парк, низ главната улица во градот, сѐ до зградата на општината на плоштадот „Карпошово востание“ каде што од вчера со палење свеќи на иницијатива на Советот на младите, се оддава почит на жртвите од трагедијата во Кочани.

Собирот се организираше на иницијатива на групата млади луѓе, средношколци од градот, кои вчера попладне во знак на сочувство со семејствата на загинатите и нивните најблиски, формираа група на социјалните мрежи „Вчера тие - утре ние“ која, како што велат, наиде на поддршка од страна на голем број нивни врсници, но и останати граѓани.

Пред општината со шеснаесет минутен молк симболично, во знак на кобниот датум на пожарот, присутните на собирот им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, по што запалија свеќи и се помолија за повредените, сместени на скопските клиники и во здравствените установи ширум Европа, со молитва за нивно побрзо закрепнување.

Младите иницијатори потенцираа дека само гласно го искажуваат револтот против несовесните и стравот од неизвесноста за нивната иднина.

Велат, навистина ни е страв, и ние одиме во разни локали за кои не знаеме дали се целосно безбедни и сигурни.

Порачувајќи дека ќе бидат во тек со случувањата и активностите на нивните врсници ширум државата, мирно се разотидоа.

На собирот беше видно присуството и на повозрасни граѓани кои не можеа да ја скријат тагата од несреќата што ја завитка во црно целата држава.

18.03.2025 - 20:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега