Град Скопје: Не толерираме притисоци - Елвис Симоновски физички го нападна секретарот, а има и кривично досие
Штотуку пристигна и писмена реакција од Град Скопје во врска со отказните решенија којшто ги добиле двајца вработени како обезбедување во градски објекти под надлежност на Град Скопје.
„Лицето Елвис Симоновски, на ден 09.01.2023 извршил кривично дело, физички и вербално напаѓајќи го секретарот на градот Скопје во присуство на повеќе вработени од градот, за што е уредно пријавен во МВР кое постапува по пријавата. Елвис Симоновски е отстранет од работното место поради тешка повреда на работното место, нарушување на работниот процес, прекршување на актите за работа и законот“, се потенцира во соопштението на Град Скопје испратено до медиумите по писмен пат.
Оттаму додаваат дека немало да трпат никакви партиски притисоци, а тврдат и дека Симоновски имал кривично досие.
„Санкционирањето на вработени за кршење на работниот ред и дисциплина и тешки повреди на работниот процес е определено со закон и подзаконски акти и не подразбира мобинг. За овие тврдења, лицето ќе има можност покрај кривичната пријава, вистината да ја докажува и пред надлежниот суд. Инаку лицето Елвис Симоновски има казнена евиденција и кривично досие. Во повеќе наврати е пријавуван за извршени кривични дела и тоа за фалсификување на исправа, за затајување и тешка кражба. Тоа што ова лице имало поддршка од неговите партиски колеги за толерирање на неговото непрофесионално однесување не значи дека оваа градска администрација ќе подлегне на ваквите партиски притисоци“, додаваат од Град Скопје.
Во нивната реакција немаше објаснување и за вториот отказ, кој го добил Даниел Давитковски, исто вработен како обезбедување во Град Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа