Голем број болници се затвараат во Германија

 

Германските болници и клиники работат под зголемен финансиски притисок, а според истражувањето презентирано во четвртокот од консултантската компанија Роланд Бергер, две третини работат со загуба.

Повеќе од половина од анкетираните 650 менаџери на болници посочија дека во вториот квартал од 2024 година работеле со загрозена или многу загрозена ликвидност. Понатаму, до крајот на годината 28 болници би можеле да станат несолвентни, јавува германската агенција за печат (dpa).

Петер Магунија од Роланд Бергер истакна дека и малите болници и големите универзитетски клиники се под голем финансиски притисок. „Јавните болници особено страдаат“, додаде тој.

Минатата година 70 отсто од германските болници завршија со загуба.

„Веруваме дека, со оглед на економската ситуација, ќе има уште затворања во блиска иднина“, рече Магунија.

Истражувањето ги потврдува претходните, песимистички оценки на Здружението на германските болници, кое претходно оваа година предупреди дека болниците се во невидена економска неволја.

Според Здружението, рекордни 40 болници во Германија прогласиле несолвентност, а годинава се очекуваат повеќе.

Германската влада вети дека ќе го постави финансирањето на болниците на цврсти основи со реформа што ќе стапи на сила во 2025 година. Сепак, ова не ја елиминира несигурноста во болниците, предупреди Магунија.

„Сега ниту една болница не може да ги пресмета и планира ефектите од реформата. Едноставно, нема модел, нема достапен модел, ниту пак кој би можел да се развие самостојно“.

На среден и долг рок, финансиските тешкотии ќе принудат многу болници да се спојат. За тоа размислуваат половина од управителите на советот, додаде експертот.

Имено, „многу болници нема да можат да опстанат сами, туку само како дел од група“.

12.07.2024 - 17:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега