Го каснала опасна змија, ама немало серум во Охрид, па го однеле во Дебар
Турист од Холандија бил каснат од отровна змија, но во болницата во Охрид немале серум па со санитетско возило бил транспортиран во болницата во Дебар каде му бил спасен животот. Директорот на дебарската болница вели дека многупати спасуваат животи на лица каснати од змија, често пати се работи и за жители од Албанија кои живеат блиску до границата, бидејќи нив болницата во Пешкопеја им е подалеку од дебарската болница, објави МКД.МК.
Во изминатите неколку дена во Општата болница со прширена дејност во Дебар, антивиперин, серум против змиски отров, добиле две лица странски државјани, со што се спасени нивните животи.
„Во едниот случај станува збор за лице од соседните албански населени места, во чии амбуланти во моментот немало серум, а додадено на тоа поради фактот што нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, потребната помош се дава побрзо и навреме. Доколку во период од 3 до 4 часа не се добие ваков серум настапува смрт“, вели за МИА, директорот Јетлумт Пашоли.
Вториот случај, како што посочува, бил вчера, а неофицијално се работи за холандски државјанин, кој бил на одмор во Охрид.
„Колегите од општата болница од Охрид, кои не располагале со серум, ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет, да помогнеме. Времето беше во прашање, кое не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санителско возило од охриската болница пациентот беше донесен кај нас, прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид“, додава Пашоли.
Според него, имајќи го предвид периодот на појава на змии, навреме се снабдиле со потребниот серум, посака да нема потреба, но, изрази подготвеност да се помогне доколку затреба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа