Филипче за Меѓународниот Ден на лица со попреченост: Секој граѓанин заслужува да биде активен дел од општеството
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска по повод Денот на лицата со попреченост порача дека секој граѓанин заслужува шанса да ги оствари своите потенцијали и да биде активен дел од општеството.
„Секој човек, без разлика на својата попреченост, има право на еднакви можности и достоинствен живот. Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ја нагласувам потребата да ги гледаме можностите, а не ограничувањата. Секој граѓанин заслужува шанса да ги оствари своите потенцијали и да биде активен дел од општеството.
Основаната темелна вредност на социјалдемократијата е грижата за сите.Посветеноста кон лицата со попреченост е вредност која ја градиме и негуваме. Во изминатите седум години обезбедивме образовни асистенти, ја зголемивме поддршката за семејствата и создадовме услови за нивна поголема инклузија. Но, најважно е секој од нас, како поединец и како заедница, секојдневно да вложува грижа, разбирање и почит.
Потенцијалот на лицата со попреченост е бескраен. Наша должност е да ги поддржуваме и охрабруваме нивните напори, не само денес, туку секој ден. Само така ќе создадеме општество во кое секој има еднаква шанса за успех и достоинствен живот“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
03.12.2024 - 13:47
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа