Фетаи: Еден чекор поблиску до транспарентноста во управувањето со државниот имот
Владата на Република Македонија вчера го одобри барањето на Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, за проширување на работната група која ќе го изработи Акцискиот план за имплементација на препораките од Завршниот извештај на Државниот завод за ревизија за управувањето со државниот имот.
„Ова е значаен чекор кон создавање ефикасен, праведен и одговорен систем за управување со јавниот имот, како и кон спречување на злоупотребите и недостигот на транспарентност што се случувале во минатото“, истакна заменик-претседателот Фетаи.
Работната група, предводена од Кабинетот на заменик-претседателот, ќе биде составена од претставници на клучните државни институции: Службата за општи и заеднички работи на Владата, Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АД – Скопје), Јавното претпријатие за стопанисување со деловен простор во државна сопственост (АД – Скопје), Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат на Владата и Комисијата за станбени прашања.
Првпат во историјата на државата, се подготвува и Национален регистар на државен имот – иницијатива предводена од Кабинетот на заменик-претседателот Фетаи, базирана на најдобрите европски практики, со цел елиминирање на ризикот од корупција и злоупотреби во овој историски чувствителен сектор.
„Ова е клучен момент за изградба на модерен систем за управување со државните ресурси, каде што транспарентноста и отчетноста се водечки принципи“, оценува Фетаи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа