„Фејсбук“ и „Инстаграм“ им го ограничуваат пристапот до податоци на тинејџерите

 

„Фејсбук“ и „Инстаграм“ ќе ги заострат ограничувањата за податоците за тинејџерите, така што компаниите не може да ги користат за да ги насочат рекламите кон таа демографија, соопшти компанијата мајка на платформата, „Мета“.

Почнувајќи од февруари, огласувачите повеќе нема да може да го видат полот на младите корисници или видот на нивните објави како начин за насочување на рекламите кон таа категорија, велат од компанијата.

„Мета“ исто така потврди дека во март ќе бидат воведени нови контроли, кои ќе им овозможат на тинејџерите да влезат во поставките на двете апликации и да изберат „помалку да гледаат“ одредени видови реклами.

Како што е наведено, благодарение на зголемените ограничувања, за сервирање реклами ќе се користат само возраста и локацијата на корисникот.

Многу борци за безбедност на интернет велат дека платформите на социјалните медиуми треба да направат повеќе за да ги контролираат видовите реклами што им се прикажуваат на помладите корисници велејќи дека несоодветните реклами може да предизвикаат исто толку штета како навредливите содржини објавени од други корисници.

„Како дел од нашата континуирана работа да ги направиме нашите апликации погодни за тинејџерите, правиме дополнителни промени во нивните рекламни искуства. Сфаќаме дека тинејџерите не се нужно опремени како возрасни да донесуваат одлуки за тоа како нивните онлајн-податоци се користат за рекламирање“ објавија од „Мета“ на својот блог.

12.01.2023 - 21:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега