Електронскиот гигант Јагео влегува во ТИРЗ - најголема инвестиција од независноста вредна 205 милиони евра

 

Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и менаџментот на компанијата „Јагео“ денеска во Таипеи го потпишаа договорот за нова досега најголема гринфилд инвестиција во земјата од независноста. „Јагео“ ќе инвестира 205 милиони евра и ќе отвори 3900 нови работни места. На церемонијата која се одржа во седиштето на „Јагео“, преку конференциска врска се вклучи и премиерот Димитар Ковачевски.

„Јагео“ ќе произведува електро-компоненти за различни индустрии. Производствените погони ќе бидат лоцирани во ТИРЗ Скопје 1 и во ТИРЗ Штип. Преговорите за инвестицијата траеа речиси една година, а земјава е избрана како најдобра во конкуренција со останатите од регионот и пошироко, посочи извршниот директор на „Јагео“, Дејвид Ванг.

„Со Северна Македонија имаме одлично искуство. Сепак, две работи беа клучни зошто ја одбравме за нашата инвестиција: увидовме дека е стабилна, со квалификувана работна сила, а и Владата беше максимално посветена и имаше исклучително позитивен однос кон нас. Тоа можеби беше и пресудно. Ни излегуваше секогаш во пресрет и тука беше за секој наш проблем“, изјави Ванг.

Деспотовски, нагласи дека денешното потпишување на Договорот е потврда дека со знаење, желба и истрајност, можеме да оствариме големи резултати.

„Процесот не беше воопшто лесен. Во конкуренција беа многу земји, меѓу кои Хрватска и Србија. Но, ние успеавме во таа трка и ние сме денеска тука, на оваа маса, да потпишеме договор. Со оваа инвестиција стануваме дел од мапата земји кои обезбедуваат витални компоненти за производители како „Тесла“ и „Епл“, рече Деспотовски.

Според него, компаниите во зоните вработуваат близу 17 000 лица, а влезот на "Јагео" ќе значи 30 отсто плус работна сила од оваа бројка.

Честитки за инвестицијата упати и премиерот Ковачевски.

„Станува збор за најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на нашата земја, вредна 205 милиони евра и нови над 3 900 работни места. „Јагео“ е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40 000 вработени ширум светот. Со новиот концепт на поттикнување инвестиции успеавме, да ја ставиме нашата земја високо на мапата инвестициски дестинации кои имаат капацитет и услови да реализираат висококвалитетни вложувања.
Бројките најдобро зборуваат за тоа колку е ефикасен новиот концепт на инвестиции и поддршка на ивестициите во ТИРЗ. Последниве две години се постигнати договори од над 650 милиони евра, што е над половина од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Со оваа инвестиција надминуваме износ над 850 милиони евра“, нагласи премиерот.

Инаку „Јагео“ е  водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, основана во 1977 година. Има 49 производствени капацитети на глобално ниво со 40.000 вработени, со годишен обрт од над 4 милијарди долари. 

18.04.2023 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега