Џафери: Коридорот 8 претставува важна врска на Северна Македонија со соседните земји и Европа

 


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска во Гостивар направи увид во градежните работи на делницата Гостивар-Букојчани, дел од проектот Коридор 8.


Изградбата на овој современ автопат Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требениште-Струга-Ќафасан, е огромен инфраструктурен проект, со кој Владата исполнува една голема стратешка определба, од што пред сѐ, бенефит ќе имаат граѓаните, компаниите, но и целокупната економија. Премиерот Џафери, за време на посетата истакна дека очекува до крајот на 2027 година овој проект да биде завршен.

„Од денес па натаму, граѓаните ќе можат конкретно да ги видат активностите од спроведувањето на проектот. Изведувачот на работите не е непознат, имајќи предвид дека во регионот имаат реализирани вакви проекти, тоа е потврда дека навремено и квалитетно ќе ги завршат работите овде. Како Влада, ќе обезбедиме предуслови за работите да течат непречено. Мислам дека сите сме имале можност да поминеме по патиштата кои ги имаат изградено досега. Во тој контекст, не се сомневам за нивниот квалитет и капацитет да го направат најдоброто. Проектот ја опфаќа делницата Тетово–Гостивар–Кичево, Требениште–Ќафасан. На албанска страна веќе се работи делницата од Елбасан до граница, така што проектот Коридор 8 е врска меѓу Јадранот и Црното Море, што го прави овој Коридор од особена важност”, изјави премиерот Џафери.

Премиерот истакна дека паралелно со изградбата на оваа делница, се работи и на Коридорот 10Д, кој што се протега на релација Градско–Прилеп–Битола.

01.03.2024 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега