ДУИ: Нашата земја се соочува со болен момент
Денес, нашата земја се соочува со болен момент, кој кај секој граѓанин што сонувал за европската иднина предизвикува длабоки чувства на разочарување и огорченост. Поради неуспехот на оваа влада да ги спроведе уставните реформи, Северна Македонија денес е одвоена од Албанија на својот пат кон Европската унија, велат од ДУИ.
„Оваа одлука е директна последица на политички неуспех, но пред сè е тешка неправда за секој граѓанин на Северна Македонија кој ја гледаше Европа не само како политичка цел, туку и како длабока општествена и културна аспирација. Веќе не сме на заеднички пат со Албанија, и ова е удар врз регионалното единство и стабилност за кои сме се залагале толку долго.
Демократската унија за интеграција постојано предупредуваше дека овој неуспех ќе има сериозни последици. Секој ден кога уставните реформи се одложуваат е изгубен ден за европската иднина на нашите деца. Секој неуспех во усвојувањето на овие реформи е чекор подалеку од европското семејство и чекор поблиску до изолација, поделеност и стагнација.
Денес, нашите зборови не се само критика. Тие се отворен апел до секој граѓанин на оваа земја кој ја посакува Европа и верува во нејзините вредности: ова е моментот заеднички да испратиме силна порака за дејствување без повеќе одложувања. Секое доцнење, секој неуспех, само ја продлабочува празнината помеѓу нас и Европската унија.
Северна Македонија е Европа, и тоа го заслужуваат нејзините граѓани. Не смееме да дозволиме погрешните политики да ни ја одземе иднината. Ова не е партиско прашање, туку државно прашање што го засега секое семејство и секој поединец кој верува во подобра, стабилна и европска иднина.
На оваа раскрсница, решени сме да се бориме за тоа што е исправно и за правото на граѓаните на Северна Македонија да станат дел од европското семејство. Историјата ќе ни суди за овој момент, и ние нема да дозволиме Северна Македонија да остане надвор од Европа поради политичките неуспеси на моментот.
Европа е нашата цел. Ова е наша заедничка задача. Нема повеќе време за губење!“, стои во соопштението на ДУИ.
27.09.2024 - 12:10
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа