Давкова на средба со членовите на Комисијата за помилување: Неопходен е нов закон

 

На иницијатива на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, се одржа работна средба на актуелни и поранешни членови на Комисијата за помилување, заради размена на искуства поврзани со примената на институтот помилување.

Претседателката Сиљановска-Давкова ја образложи иницијативата за средбата. Според неа, основната причина за свикувањето на средбата е неподелениот став на правниците дека постојниот закон предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување и дека има потреба од нов закон.

Консултирањето на членовите на претходните комисии за помилување, за неа е неопходен чекор за утврдувањето на недостатоците и проблемите, како и нотирањето на излезните правни и институционални решенија. Во посветената, жива, четиричасовна дебата најпрво беше потенцирано дека помилувањето е човеково право на осудените лица што мора да се почитува и спроведува. При неговото давање и одмерување не смее да има политичко и партиско влијание.

Во процесот на помилување најважна е координираната работа меѓу судот, Министерството за правда и Комисијата за помилување, со почитување на начелото на поделба на власта. 

Неподелен беше ставот за потребата од деполитизирана и департизирана постапка за помилување. Мнозина од поранешните членови на комисиите за помилување го критикуваа рестриктивниот пристап на помилување. Во таа насока, беше предложено зголемување на опфатот на помилување, како по однос на бројот на помилуваните, така и во поглед на времетраењето. Сите учесници сметаат дека комисијата треба да остане отпорна на притисокот на јавноста, водена од оправданоста на сопствените одлуки за помилување. Членовите ја посочија и потребата за обезбедување механизми, преку индивидуален пристап комисијата изворно да се информира за состојбата на осуденикот и степенот на неговата ресоцијализација, независно од природата и висината на казната.

На работната средба, учесниците ја констатираа неопходноста од донесување на нов закон за помилување, што ќе ги земе предвид искуствата од примената на актуелниот закон, како и компаративните искуства и примери.

 

Според нив, на донесувањето на законот треба да му претходи експертска и широка јавна дебата. 

30.01.2025 - 18:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега