Белгиските овчари клучни за мапирање на мало и лесно оружје

10-тина белгиски овчари за една година ќе бидат подготвени да таргетираат експлозивни направи, оружје, муниција и дрога. Овие кучиња, се првите кои ќе бидат тренирани во новоотворениот регионален центар К9 во Ѓорче Петров, во кој е инвестирано два милиони евра. Откако ќе заврши процесот на дресирање, кучињата ќе бидат подготвени да се пуштат во акција со македонските полициски специјалци за мапирање на злоупотреба на мало и лесно оружје.

„Овој регионален центар е многу значаен за Македонија, како од аспект на стратешко делување во рамки на министерството така од аспект и на оперативно делување на полицијата. Со овој комплекс реално ќе се зголеми капацитетот и на спроведување на голем број полициски активности кои се изведуваат со употреба на кучиња“, изјави денеска Панче Тошковски, министерот за внатрешни работи.

Откако белгиските овчари ќе го поминат едногодишниот специјализиран тренинг, ќе користат исклучиво за потребите на македонската полиција. Но, зашто центарот е регионален, таму ќе се дресираат и кучиња од соседството.

Македонија во моментов располага со околу 40 службени кучиња, но кубури со дресери. Само тројца дресери во континуитет работат на специјализирано обучување на млади кучиња кои се сместени во центарот К9 во Хиподром, кои потоа се спремни да помогнат во антитерористички преглед на возило, во процес на пребарување оружје и муниција, пребарување на наркотични средства, како и детекција на мириси.

Габриела Лескова

30.09.2024 - 20:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега