Арсовска од новата влада ќе бара прв приоритет да ѝ бидат законски измени за зголемување на платите на пожарникарите
За Денот на пожарникарите, 20 Мај, Бригадата за противпожарна бригада на Скопје доби уште едно ветување за поголема плата и нови униформи, речиси исто како и на сите празнувања изминативе години. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на пожарникарите им вети дека ќе побара од новата влада, т.е. прво нешто што ќе го смени да бидат прописите што кои ја ограничуваат платата на пожарникарите.
„Прво, нашите пожарникари треба да имаат промена во условите од кои може да бидат платени. Тие лимитирани средствата што ги добиваат како надомест за нивната работа навистина се ниски. Тоа го утврдува законот и, за жал, ние како локална самоуправа не можеме да одиме над она што е утврдено со законските рамки, дури ни преку колективен договор. Затоа, апелот е лимитирачките услови што ги ограничуваат нивните бодови да бидат меѓу првите нешта што ќе бидат отстранети со нов пропис“, рече градоначалничката Арсовска.
Застаната пред пожарникарите, градоначалничката зборуваше и дека петнаесет години тие немаат нови униформи поради бирократски процедури. Очекува поништувањето на сегашниот правилник да биде исто така меѓу првите прописи што ќе ги смени новата влада, како и одобрувањето доволно средства од буџетот за нови вработувања.
„За да може да функционира скопската Противпожарна бригада како што треба, со својот полн капацитет, треба да има минимум 450 пожарникари, а во овој момент има 180. Пречка за ова претставуваат одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато и да добиеме одобрение за пополнување на бројот од 180 до 450. Затоа повторно морам да апелирам, ова треба да биде една од првите работи што ќе се сменат“, рече градоначалничката Арсовска на свеченоста во дворот на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.
Кога го заврши говорот, градоначалничката им сврте грб на камерите за да ги погледне пожарникарите кои стоеја зад неа и им се обрати со зборовите: „Браво за вас, се надевам дека кога ќе ги поништат поените, барем двојно ќе ви биде платата годинава“.
Командантот на Противпожарната бригада, Звонко Томески, потсети дека на денешен ден во 1836 година првпат се појавила организирана служба за противпожарна заштита на територијата на Македонија. Со текот на годините опстојувала, се развивала, се усовршувала и во рамките на можностите одговарала на потребите на своето време. Иако малобројна и без соодветна опрема, командантот Томески рече дека Противпожарната успева да одговори на сите повици.
„Денес, за жал, броиме 180 пожарникари од предвидените 384. Имаме 2.000 интервенции успешно релизирани од минатиот мај“, рече Томески.
Признанија и благодарници добија пожарникарите што изминатава година се истакнале, а изборот, како што објасни градоначалничката Арсовска, го направиле самите пожарникари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа