ЗНАМ: Гаши е нејасен - Даути е разрешена
За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија сосема е нејасно на што се темели соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието дека со изгласувањето на интерпелацијата не следува и разрешување на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и спорт, госпоѓа Даути, реагираат утрово од ЗНАМ откако вчера од Кабинетот на собранискиот спикер испратија соопштение дека законодавниот дом нема правни обврски и пат да ја разреши Даути за која беше изгласана интерпелација.
„Од вчерашната седница на Собранието на која беше изгласана интерпелацијата за г-ѓа Даути, за нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок. За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието.
Очекуваме опозицијата, на која, според претходната распределба, ѝ припадна претседателското место во оваа комисија, веднаш, уште в понеделник, да предложи нов кандидат за оваа позиција“, велат од ЗНАМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа