Жена во Еквадор била прогласена за мртва, „оживеала“ додека ја подготвувале за погребот
Болница во Еквадор ја прогласила за мртва 74-годишната Бела Монтоја, откако била примена поради последици од срцев удар.
Неколку часа подоцна, семејството го отворило ковчегот и сфатило дека жената се уште дише.
„Тоа што се случи го обработуваме малку по малку. Сега сакаме само да се подобри здравјето на мајка ми. Ја сакам жива и со мене“, рекол нејзиниот син Жилберт Балберан.
Жената се уште е на одделението за интензивна нега и е под лекарски надзор, јавува „Ел Универзо“.
„Мајка ми е на кислород. Нејзиното срце е стабилно. Докторот и ја штипна раката и таа реагираше. Ми велат дека тоа е добро бидејќи тоа значи дека таа реагира малку по малку“, рече Жилберт.
Лекарот Мартин Иказа во петокот напладне му го предаде телото на семејството бидејќи, како што тогаш тврдеа од болницата, таа починала.
„Ни дадоа дури и потврда за смртта“, изјави Жилберт, кој мораше да собира донации за да го организира погребот.
Бела останала во ковчегот од 14:00 часот до 18:30 часот, кога семејството го отворило ковчегот за да го подготви телото за бдеење. Тогаш нејзиниот син и остатокот од семејството сфатиле дека жената се уште дише.
“Мама почна да ја движи левата рака, да ги отвора очите, устата. Се бореше да дише”, рекол Жилберт Балберан.
Локалните медиуми пишуваат дека настанот ја шокирал заедницата и дека случајот треба да се истражи и санкционира бидејќи старицата можела жива да биде закопана.
Сè уште нема официјално објаснување, ниту од болницата ниту од Министерството за здравство се огласија за случајот, пренесува медиумот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа