„Жед – Мапа на чешми со питка вода низ скопските маала“: Изложба за состојбата со фонтаните и чешмите во Скопје

 

Здружението за едукативен развој Еквалис и Партизанска штампа ја организираат изложбата „Жед“ на 10 март-недела, напладне во 12:00 часот, во Мобилна-Монтажна Галерија во Парк на франкофонија – Скопје.

Изложбата е колаборативен креативен процес и претставува уникатно визуелно патешествие низ скопските маала, преку мапата на фонтани и чешми со питка вода на која работеа над 20 креативни умови. Преку оваа изложба присутните ќе може да се запознаат подобро со состојбата на фонтаните и чешмите и нивната функција во јавниот простор на Скопје, како и нивната функција во служба на граѓаните.

„Изложбата го претставува проблемот со функционалноста на јавниот простор, како и идејата за тоа кому припаѓа и кому (треба да) служи тој јавен простор. Користејќи ја традиционалната и уникатна техника на рачно печатење, ситопечат, 20-тина млади граѓан(к)и ја претставуваат сопствената перспектива за јавниот простор, предизвиците и визијата која ја имаат за истиот.

Во процесот на мапирање на терен, учесниците детектираа над 200 функционални и нефункционални чешми низ различни делови од Скопје.Во текот на креативниот процес беа издвоени неколку конкретни функционални чешми кои потоа беа претставени визуелно преку техниката ситопечат“, информира организаторот.

Оваа изложба е дел од програмата „Креирање мапа на чешми со питка вода преку техника на ситопечат“, а е дел од проектот „Промоција на младински активизам и граѓанско учество“, спроведуван од Здружението за едукативен развој – Еквалис, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија

06.03.2024 - 19:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега