Димовски: Потребна ни е сплотеност и единство за опстојување и сочувување на македонската држава
Претседателот на Социјалистичката партијана Македонија, Љупчо Димовски, по повод најголемиот христијански празник Христовото Воскресение Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски Г.г. Стефан и до сите христијански верници.
-Со особена радост и задоволство празнувјќи го најголемиот христијански празник Христовото Воскресение Велигден, темелот на христијанството, дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот Синод на православните верници на МПЦ во земјата и во странство и на сите христијани, од името на членството на Социјалистичката партија на Македонија и од мое лично име да Ви го честитам Велигден и да Ви посакам здравје, благодет, Христова љубов, а на сите граѓани спокој во секој дом и во сечие срце. Овој ден е возвишен зашто е празник во кој се обновува животната радост и од кој што извираат љубовта и надежта, ден кој ја раѓа богоугодната радост. Затоа потребно ни е да не се делиме од вистината и правдата, да растеме во љубовта и благочестието, во трпението и милосрдието и да живееме со добри дела.
Овој најголем христијански празник е можност да се истакне длабоката увереност дека древната Македонска православна црква ќе продолжи со ширење и јакнење на верата, во јакнење на наионалната свест и во јакнење на меѓунационалната и мулти-конфесионалната толеранција.
-Нашата Македонска православна црква е вткаена во зачувувањето и развивањето на нашиот културен и национален идентитет.
Оттаму сознанието дека обединети околу учењето на Христа можеме заедно нашата Татковина да ја направиме поубава за сегашните и идни генерации, а на нашиот македонски народ како никогаш досега му е потребна сплотеноста и единството како услов за неговото опстојување и сочувување на македонската држава. Прославувајќи го Христовото воскресение ја славиме безусловната љубов и мирот меѓу сите луѓе на светот. Затоа да бидеме благодарни на Неговата милосрдност и бескрајна љубов. Нека ни е честит Великиот ден-Воскресение Христово и нека Господ нé обдари со сила, верба и благослов, за да го сочуваме, негуваме она што ни го дал како наследство, чекорејќи по тој пат праведно, одговорно и чесно. Нека ни е за многу години големиот празник! ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!, стои во честитката од претседателот на СПМ Димовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа