Земјата гори: И мај беше најтопол во историјата, веќе 12 месеци се уриваат рекордите
Мај 2024 година беше најтоплиот мај досега, според Службата за климатски промени Коперник, финансирана од Европската Унија.
Со глобална температура за 0,65 степени над просекот од 1991 до 2020 година, ова е 12-ти последователен месец во кој глобалните температури ги соборуваат сите рекорди.
- Шокантно е, но не и изненадувачки што стигнавме до серија од 12 месеци. Оваа низа од рекордни месеци ќе биде соборена еднаш, но трагата на климатските промени останува и нема знаци дека овој тренд ќе се промени. Живееме во невидени времиња, но имаме и невидено знаење за следење на климата и тоа може да ни помогне во идните акции - вели Карло Буонтемпо, директор на Коперник.
Тој додаде дека ако го стабилизираме количеството на стакленички гасови во атмосферата, до крајот на векот можеме да се вратиме на пониски температури.
- Во текот на претходната година, секој месец во календарот се зголемуваше температурата. Нашата планета се обидува да ни каже нешто. Но, се чини дека не сакаме да го слушнеме тоа. Уриваме глобални температурни рекорди. Време е да се мобилизираме и да дејствуваме – се вели во соопштението на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Податоците на Коперник покажуваат дека глобалните температури во мај 2024 година биле 1,52 степени над оние од 1850 до 1900 година. Ова исто така значи дека ова е 11-ти месец по ред кога температурите се 1,5 или повеќе степени над просекот од прединдустрискиот период.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа