Започна дводневното одбележување на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, 24. мај

Вечерва со концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“, во црквата Света Софија во Охрид, отпочна дводневното одбележување на 24. мај - Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј.

На концертот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на „Охридско лето" Наташа Поповиќ, пратеници, професори, научници, лингвисти, книжевници.

Ансамблот „Антео”, изведува музика на светот и ја инкорпорира во македонското звучно милје во кое се вткаени традицијата и современоста. 

 
Музика која е авторска, но која во себе содржи влијанија од музиката родена под поднебјата на Франција, Шпанија, Балканот - или спој од западните класични вредности во фузија со богатиот фолклор на различните народи кои живеат и творат на македонската почва. 
 
„Антео” свират музика со жар и страст, со разновидна ритмика и впечатливи мелодии кои создаваат слика на живописен пејзаж.

Во Охрид - балканскиот Ерусалем и седиштето на Охридската Архиепископија, преку низа настани ги празнуваме ликот и делото на основоположниците на словенската писменост, Светите Кирил и Методиј и нивната непроценлива хуманистичка и космополитска мисија. 

 
Овој голем ден се одбележува и слави повеќе од век и половина во словенскиот свет, како ден на културата и просветата.

23.05.2023 - 22:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега