Западен Балкан добива шест милијарди евра од Европската Унија

 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави политичкиот договор што денеска го постигнаа Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан, во износ од шест милијарди евра и потенцираше дека проширувањето на Унијата е геостратешки приоритет.

„Сакаме побрзо да го доближиме Западен Балкан до Унијата, а договорената инвестиција од шест милијарди евра е клучен чекор во таа насока. Комбинирајќи ја зголемената финансиска помош и реформите, тоа ќе го забрза напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, ќе ја поттикне нивната економска конвергенција и подобро ќе ги интегрира во нашиот единствен пазар“, се вели во писмената изјава на Фон дер Лајен.

Вкупниот износ на средства за периодот од 2024 до 2027 година е шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се исклучително поволни заеми. Најмалку половина од вкупната сума ќе биде распределена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и ќе ги поддржи инфраструктурните инвестиции, вклучувајќи транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, а остатокот ќе биде директна поддршка за државните буџети.

Средствата ќе се распределуваат двапати годишно, врз основа на барањата на партнерите од Западен Балкан, по верификација од Европската комисија и потврда дека се исполнети сите релевантни услови поврзани со макрофинансиската стабилност, доброто управување со јавните финансии, транспарентноста и буџетскиот надзор.

Доколку некои услови не се исполнети, Комисијата може делумно или целосно да ги прекине плаќањата. По ваквото суспендирање и во случај државата да не ги исполни соодветните услови за време на грејс периодот од една година или две години во првата година од спроведувањето, суспендираниот износ ќе се повлече и ќе може да се прераспредели на други корисници.

Политичкиот договор постигнат денеска сега е предмет на формално одобрување од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, а Регулативата за Фондот за реформи и раст за Западен Балкан ќе стапи на сила следниот ден по нејзиното објавување во Службен весник.

04.04.2024 - 22:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега