Заменик-министерот Хусеин: Нема експлоатација на работниците, ќе имаат дневен одмор од најмалку 12 часа

 

Заменик-министерот за труд и социјала, Енвер Хусеин, претставувајќи ги измените на Законот за работните односи, со кои се олеснува и се забрзува работата на коридорите 8 и 10 д ,уверува дека работниците нема да бидат експлоатирани. Појасни дека не се работи за работна недела од 60 часа, туку за прекувремена работа, и се пофали дека на секој работник ќе му биде гарантиран дневен одмор од најмалку 12 часа.

„Она што е важно да се напомене е дека изградбата на коридорите 8 и 10 д во ниеден случај нема да претставува експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со законот. Нема да дозволиме ниеден работник да биде експлоатиран, на ниеден работник нема да му биде нарушено работничкото право. Сакам да потенцирам дека станува збор за прекувремена работа, а прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото. Прекувремената работа не значи 60 часа неделно и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа ќе зависи од временските услови за работата на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците во пролет, лето и во средината на есента. Ќе има и денови кога нема да има потреба од прекувремена работа. Секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 % во согласност со законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака, нема да биде принуден со сила да работи прекувремено“, објасни денес заменик-министерот Хусеин.

Министерството за труд бара измена на одредбата од законот, која се однесува на прекувремена работа. Замени-министерот Хусеин вели дека тоа го бараат поради потребата од континуитет во работењето. Барањето е прекувремената работа да трае повеќе од осум часа неделно и 190 часа годишно.

„Работата над 40 часа неделно ќе се смета и ќе се плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите на дневен и неделен одмор во согласност со овој закон. Тоа значи дека работникот ќе има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни дена во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите во работите што се вршат од национален интерес, се јави потреба тие да може да се спроведуваат и во недела“, рече заменик-министерот за труд, Хусеин.

Владата денес предложи пет предлог-закони за олеснување на изградбата на коридорите, кои ќе бидат со европско знаме по очигледната блокада од опозицијата на предложите измени, кои веќе се во собраниска процедура.

05.05.2023 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега