Заложничка драма во Хамбург: Вооружен маж со дете во автомобил се проби на пистата на аеродромот
Зградите на терминалот на аеродромот во Хамбург и неколку авиони беа евакуирани откако вооружен маж со дете во автомобил се проби на пистата, изјави портпаролката на аеродромот за ДПА во саботата навечер.
„Во тек е заложничка ситуација. Нашиот преговарачки тим е во контакт со лицето во автомобилот. Ситуацијата останува непроменета“, изјави за ДПА портпаролот на полицијата во Хамбург.
Според федералната полиција, вооружениот маж со своето возило поминал низ оградата на аеродромот околу 20 часот и влетал во терминалот на аеродромот. Тој имал пиштол и веќе двапати пукал во воздух, изјави портпаролот на полицијата Томас Герберт.
Во меѓувреме било потврдено дека во автомобилот имало и дете. Сопругата на мажот претходно ја контактирала полицијата за можно киднапирање на детето, изјави портпаролот. Таткото-грабнувач е државјанин на друга земја и веројатно сака да ја одведе ќерка си.
На местото на настанот има силно полициско присуство, а во близина на возилото се распоредени единици.
Полицијата во Хамбург во 11 часот соопшти дека преговарачкиот тим се уште е во контакт со осомничениот. Тие наведуваат дека се сомневаат дека е вооружен и дека со себе има експлозивни направи од непознат тип.
„Наш приоритет е заштитата на детето. Според последните информации, детето е добро. Преговорите продолжуваат“, велат од полицијата во Хамбург.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа