Зајкова: Доколку се работи за интерес на државата ќе поддржиме и политики на ВМРО-ДПМНЕ

 


Претседателката на Либерално демократската партија Моника Зајкова, изјави дека ЛДП во парламентот ќе дејствува независно како и досега. Таа истакна дека Коалицијата го задржува односот на прва опозициска партија во Собраннието и дека очекува сите партии да останат конзистентни во своите ставови.

Во своето гостување во Сител телевизија, Зајкова појасни дека ЛДП ќе делува како и во изминатиот парламентарен состав. 

- Ние во изминатиот парламентарен состав бевме двајца пратеници, претходно, нашите претходници исто така беа двајца, тоа значи дека ЛДП дејствува независно од сите останати политики, но, согласно своите програмски правци и политики во Собранието. Знаете дека и во претходниот парламентарен состав, ЛДП не ги подржа измените на КЗ, Законот за игри на среќа, туку имаш повеќе свои законски иницијативи кои што се однесуваа на измените на КЗ во делот на застареност на кривичните дела, законски иницијативи кои што се однесуваа на благосостојба на животните, барањето за една изборна единица повторно останува, образложи таа.

Потенцираше дека соодносот со коалицијата на СДСМ останува ист.

- Коалицијата го задржува оној однос на прва опозициска партија во Собранието и оној сооднос кој што го има во комисиите. Ако вие дејствувате и некогаш не се сложите со одредени политики од вашата коалиција и дадете поддршка на политики кои што се дел од вашите програмски определби, меѓутоа, доаѓаат од друга коалиција, не значи дека нешто се нарушува или дека некоја партија треба да се чувствува обесправена, рече таа.

Во врска со односите на ЛДП со СДСМ, таа рече дека се коректни, исто како и со сите актери на политичката сцена.

Зајкова сподели дека доколку се работи за интерес на државата, тие би поддржале и политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на случувањата со Преспанскиот договор и со соседите, односно како гледа на она што се случи со инаугурацијата на новата претседателка, таа одговори дека треба да им се остави време да се види какви политики ќе преземат.

- Да им оставиме 100 дена да видиме какви политики ќе преземат. Не мора секогаш да значи дека ако стартот е лош и дека крајниот резултат ќе биде лош, рече таа.

Дополни дека ако идната влада или претседателка не се согласува со договорот, треба да понудат решенија.

- ЛДП ќе остане конзистентна, но, се надевам дека ќе останат конзистентни и оние партии кои го добија мандатот за да формира влада, потенцираше Зајкова.

Либерално-демократската партија вчеравечер ја одржа  првата седница на Централниот одбор по изборите на која донесе одлука за давање целосна поддршка на претседателката Моника Зајкова и раководството да ја води и застапува партијата во идните делувања и во јавноста.

31.05.2024 - 20:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега