Врховниот суд со анализа на работата на судовите: Потребни се нови судии и подобри услови
Врховниот суд на Република Северна Македонија ја заврши анализата на извештаите за работата на судовите низ државата за 2024 година, при што беше оценета ажурноста и квалитетот на судската работа. На проширената Општа седница беше посочено дека дел од судовите покажале солидни резултати, но загрижувачки е фактот што некои судови не успеале да го совладаат приливот на нови предмети, со што се зголемил и заостатокот на нерешени случаи
Вршителот на должност претседател на Врховниот суд, д-р Џемали Саити, нагласи дека оценките и заклучоците што произлегуваат од оваа анализа се дел од спроведувањето на принципите на самостојност и независност на судската власт и обезбедување правна сигурност за граѓаните.
„Потребно е итно пополнување на судовите со нов кадар, како и унапредување на материјалните и финансиските услови за работа“, се наведува во заклучоците од седницата. Според Врховниот суд, намалениот број судии претставува сериозен проблем за ефикасноста на судството.
Дополнително, беше нагласена и потребата од континуирана едукација на судиите, како и финансиска независност на судската власт, што се смета за клучен предуслов за натамошно унапредување на правосудниот систем во земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа