Петровска: Вчера пратеничка денес градоначалничка кој е следен?
Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, преку својот Фејсбук профил остро го осуди денешниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, нагласувајќи дека насилството не смее да стане новото нормално.
„Закани за силување, убиство, навреди и клоци – тоа не е политичка реакција, тоа е насилство, кое мора веднаш и без двоумење да се санкционира“, напиша Петровска, повикувајќи ги институциите, пред сè МВР и Јавното обвинителство, на итно и транспарентно дејствување.
Таа потсети дека и самата неодамна била жртва на закани пред својот дом, со порака: „Цаци, готова си“, што, како што вели, покажува дека овие напади не се изолирани случаи, туку опасен тренд кој добива замав.
„Денес е Данела. Утре – некоја друга жена. Или маж. Или дете. Ако молчиме, сите ќе бидеме следни. Можеби сме со различни политички погледи, но во човештината и достоинството мора да бидеме исти“, порачува Петровска.
Таа додава дека е солидарна со Арсовска – како жена, личност и институција – и апелира дека „насилството нема идеологија и нема оправдување“.
„Доволно е. Човештината пред политиката. Акција – сега!“, завршува Петровска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа