Во недела „Музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“

Во недела (22.1.2023), пред платото на МКЦ во Скопје со почеток од 12 часот, најавен е „Музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“.

Како што најавуваат организаторите „Гола планина колектив“, – ова е собир за сите ентузијасти и љубители на независната култура, заедно да го изјавиме нашето незадоволство.

„Запрашајте се: дали сте биле во последниве 50 години на свирка, изложба, театарска претстава, поетско читање, промоција на книга, проекција на филм, или на било каков настан во МКЦ? Дали сте си поминале убаво? Ако да, знаете за што се бориме. Борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку ќе згасне младата уметничка експресија.

Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината.

Се бориме за сите спомени (остварени и сѐ уште неостварени), за минатото и за иднината.“, се истакнува во најавата објавена на Фејсбук.

Оттаму истакнуваат дека е срамота да се скрати буџетот на МКЦ за 92%!

„Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките. МКЦ е она што нè држи живи. МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста“, се наведува во објавата.

На настанот ќе настапат: S.A.M, Cut Your Nipple, Lufthansa, Дина Јашари, Новиот Почеток, Shock Troopers, Yöu, Хајка, Dope Kukjata и други.

20.01.2023 - 20:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа