Во Хаг се отвора меѓународен центар за истраги за руската инвазија на Украина
Во Хаг денеска беше отворено меѓународно биро задолжено да спроведува истраги во врска со руската инвазија на Украина, пренесе АФП.
Ова е прва фаза кон евентуалното создавање на специјален трибунал, пред кој ќе им се суди на највисоките руски претставници поради војната во Украина.
Таканаречениот Меѓународен центар за гонење на злосторството за агресија против Украина ги обединува обвинителите од Киев, ЕУ, САД и Меѓународниот кривичен суд. Тоа е еден вид обвинителство кое ќе има мисија да истражува и да собира докази.
Отворањето на Центарот ќе биде придружено со прес-конференција во седиштето на Европравда, европската агенција за правда. На прес-конференцијата ќе присуствуваат Андриј Костин, генерален обвинител на Украина, Карим Кан, обвинител на МКС, Кенет Полаит, заменик-јавниот обвинител на САД, како и европскиот комесар за правда, Дидие Рејндерс.
Повиците за специјален трибунал за војната во Украина се намножија, бидејќи Меѓународниот кривичен суд е надлежен само да суди за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Украина. Во март судот издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради наводното исчезнување на украинските деца.
Киев се залага за формирање специјален трибунал откако беа пронајдени стотици тела по повлекувањето на руските сили во април 2022 година од Буча, во близина на главниот град на Украина.
Меѓународната поддршка не престана да расте и во февруари. Европската комисија најави создавање на Центар, кој ќе биде отворен денеска во Хаг. Брисел изјави дека овој Центар ќе има крајна цел да ги гони одговорните за инвазијата на Украина.
Вклучувањето на САД во Центарот додаде тежина на повиците за специјален трибунал, иако САД сè уште одбиваат да станат членка на Меѓународниот кривичен суд.
За време на посетата на Хаг во јуни, американскиот државен обвинител Мерик Гарланд ја именуваше специјалната обвинителка Џесика Ким да ја претставува земјата во новата канцеларија.
Сепак, остануваат сложени прашања во врска со функционирањето на можниот специјален суд, при што Украина ја поддржува идејата тоа да биде дефинирано со резолуција на Генералното собрание на ОН. Но, стотици западни поддржувачи на Киев стравуваат дека иницијативата нема доволно меѓународна поддршка и бараат хибриден трибунал составен од украински судии и судии од други националности.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа