Владата: Македонија доби 100 милиони евра од ЕУ за реформски процеси и економска стабилност

Европарламентарците изгласаа на Македонија да и се одобрат 100 милиони евра преку инструментот за Макрофинансиска помош, објави Владата.

Денеска членовите на Комитетот за меѓународна трговија го поддржаа предлогот на Европската комисија, со што средствата од овој инструмент наскоро ќе бидат ставени на располагање. Следува потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, по што средствата од овој инструмент ќе бидат достапни во две транши.

Макрофинансиската помош е условена со доброто владеење и управување со јавните финансии, односно самиот инструмент е поврзан со имплементацијата на политики поврзани со управувањето со јавните финансии, даночниот систем, јавно-приватни партнерства, подобрување на деловната околина, фискалната транспарентност, транспарентноста во доделување на државна помош, енергетска ефикасност, реформи во правосудството, како и борбата против корупцијата. Предвид се зема и Инструментот за претпазливост и ликвидност кој Министерството за финансии минатата година го обезбеди преку ММФ, а кој Фондот го има само со земји со здрави економски фундаменти.

Владата го поздравува одобрувањето на Макрофинансиската помош за нашата земја, и велат дека тоа е уште еден од многуте примери за партнерството кое го имаме со ЕУ и нивната континуирана поддршка кон нас.

Заложбата на нашата Влада за спроведување на реформите и покрај повеќе напоредни глобални економски кризи изминатите години, се најдобар доказ за посветеноста кон европскиот пат и желбата нашата иднина да биде во рамки на големото европско семејство, додава Владата.

26.05.2023 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега