„Вкуси ја традицијата“ во Градски парк
Повеќе од 300 мали производители на храна и пијалаци ќе ги презентираат своите производи подготвени по традиционални рецепти на вториот Национален саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“ што ќе се одржува денеска во скопскиот Градски парк.
Ќе има 45 павилјони и 80 штандови на кои ќе бидат изложени 2 000 производи. Посетителите ќе може да дегустираат, но и да купат слатко од капини, мармелади, џемови, ајвар, зимници, вино, ракија, пиво и ликери облагородени со разни растенија, мед, маџун, јаболков оцет од диви кисели јаболка, сирења, ореви, кошмишпите, ѓомлезе, комат, млечни намази, путер од лешник, бадем и кикирики, буковска пипер, сувомесни производи сушени на дрво, масла од тартуфи,...
На манифестацијата ќе се обратат премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Најавени се и „гастро активности“ во чии рамки Алијансата на готвачите на Слоу фуд, во состав Димитар Арнаудоски, Маре Јаневска и Зоран Мајновски, ќе понудат мени со локални производи карактеристични за овој период, а секој од нив и индивидуално, со својата шефовска, готвачка и гурманска креативност ќе демонстрира зошто си ја сака татковината.
„Вкуси ја традицијата“ ќе има и детско катче со едукативни анимации, „предавања“ за биодиверзитетот и за автохтоните семиња, а ќе се замеси и „лепчето на баба“.
Саемот го организираат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во соработка и Slow Food Macedonia, со поддршка од GIZ.
-Посетителите ќе можат на едно место да ги видат големиот број успешни приказни релизирани со подршката што ја даваме за малите производители, младите земјоделци и жените земјоделки, наведува МЗШВ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа