ВИДЕО: Таткото на Вања Ѓорчевска останува зад решетки

Таткото на убиената Вања Ѓорчевска останува во притвор. И Врховен го одби неговото барање да биде ослободен.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година, соопштија од Врховен.

Ѓорчевски кој е осомничен дека давал информации на Палчо, за движењето на неговата ќерка, денеска плачеше пред врховните судии. Кажа дека не му било важно каде ќе ја дочека конечната одлука, туку дека само сакал разрешница на случајот.

„Поделен сум на два света, едно дете ми зедоа, другото ми е тука. Воопшто не ми е битно каде ќе ја дочекам конечната одлука, само сакам да има разрешница за да одлучам дали да останам на овој, или да одам на оној свет“, кажа Ѓорчевски пред врховните судии.

Адвокатот Туфегџиќ во аргументирањето на жалбата, посочи дека одлуката на Апелациониот суд била во спротивност со Еврпската конвенција за човекови права, а тврди и дека осомничениот подлежел на тортура во затворот.

На денешата јавна седница присуствуваше и семејството на Ѓорчевски. Откако истата заврши, му беше дозволена кратка средба со мајка му, татко му и сестра му.

За двојното убиство на 14-годишната Вања и Панче прво осомничен е Љупчо Палевски Палчо, којшто се очекува да биде екстрадиран во Македонија. Кога точно ќе се случи неговата екстрадиција се уште не се знае, се чека да бидат завршени административните работи. Во моментов зад решетки се и три лица, а вчера од притвор беше ослободен Стефан Димковски – возачот на Палчо во Турција. На Димковски му се одредени мерки на претпазливост.

13.03.2024 - 20:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега