ВИДЕО: Нов агол покажува колку силно Ѓоковиќ го удрил топчето кон линиската судијка
Новак Ѓоковиќ, 17-кратниот Грен слем шампион, беше дисквалификуван од УС опен откако со топчето погоди линиска судијка во неделата вечерта.
Откако го загуби својот сервис од 20-тиот носител Пабло Карењо Буста, фрустрираниот Ѓоковиќ го удри резервното топче од својот џеб кон задниот дел на теренот. За несреќа на Ѓоковиќ, и на гласните жици на несвесната линиска судијка, топчето ја погоди директно во грлото, по што таа падна на подот.
Откако потрча да ја провери повредената линиска судијка и по долгата дискусија со официјалните лица, Ѓоковиќ беше дисквалификуван од турнирот, си ги собра торбите и го напушти стадионот одбивајќи да зборува со новинарите што чекаа.
Во соопштението од Американската тениска асоцијација се вели дека Србинот е дисквалификуван зашто „удри топче со небрежно занемарување на последиците“.
Иако видеата јасно ја покажуваат вината на Ѓоковиќ, многумина побрзаа да го одбранат светскиот рекет број еден. Аголот на оригиналното видео од инцидентот, заедно со малиот напор вложен во фрустрираниот замав на Ѓоковиќ, дава привид дека топчето не е погодено силно.
Сепак, видео од друг агол објавено на Твитер по инцидентот покажува дека топчето добило брзина додека патувало кон линиската судијка.
Иако многу фанови на социјалните мрежи сè уште тврдат дека реакцијата на судијката погодена од топчето е претерана, важно е да се запамети дека Ѓоковиќ може да сервира топка со 219 км / ч. Ова топче не го удри некој просечен играч, туку еден од најдобрите тенисери на сите времиња. Секако дека ќе боли.
Ѓоковиќ очигледно немаше намера да повреди никого, но топчето беше погодено од бес и судијата на натпреварот рече дека „нема друга опција“.
Ѓоковиќ подоцна истиот ден објави искрено извинување на Инстаграм, велејќи дека неговите постапки биле „толку ненамерни. Толку погрешни.“
Инцидентот го коментираа и многу други тениски професионалци. Еден од фаворитите за победа на УС опен по заминувањето на Ѓоковиќ, Александар Зверев рече: „Голем баксуз, многу несреќно“.
Иако многу фанови сè уште тврдат дека дисквалификацијата е неправедна, новата видеоснимка јасно покажува дека без оглед на случајноста на инцидентот, тој беше доволно сериозен за да предизвика ваква реакција од официјалните лица.
Anyone thinking he didn’t hit the ball hard... pic.twitter.com/Af5IHrUL6Y
— Steve Brenner (@SBrennerNews) September 6, 2020
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа