(ВИДЕО) Катастрофа во Виетнам: Во пожар во зграда загинаа 56 лица

 

Во пожарот што избувна во станбена зграда во виетнамскиот главен град Ханој загинаа 56 лица, меѓу кои и деца, а 37 се повредени, соопшти полицијата. Пожарот избувнал во текот на ноќта во деветкатницата, во која живеат околу 150 луѓе, објави Виетнамската новинска агенција, додавајќи дека пожарот бил локализиран до 2 часот по полноќ.

Телевизиските снимки покажаа пожарникари опремени со црева и скали како се борат со пожарот во текот на ноќта и облак од густ, темен чад што излегува од зградата. Неколку жртви со повеќе повреди се примени во локалните болници откако скокнале од своите прозорци за да избегаат од пожарот, објавија државните медиуми, цитирајќи го Ву Хоанг Пуонг од медицинската универзитетска болница во Ханој.

Полицијата го приведе сопственикот на зградата, Нгием Куанг Мин, обвинувајќи го за кршење на прописите за заштита од пожари, се вели во соопштението на Министерството за јавна безбедност, додавајќи дека истрагата за случајот е во тек.

Премиерот Фам Мин Чин го посети местото на пожарот и повика на комплетирање на прописите за пожари во малите станбени згради и во густо населените станбени области, се вели во соопштението на владата.

13.09.2023 - 18:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега