Турција го испрати првиот ќебап во вселената

 

Многу земји штотуку почнуваат да ги развиваат своите вселенски амбиции, а Турција направи нешто несекојдневно. Ќебап од ресторан во Адана, Турција, во вторникот бил „лансиран“ во стратосферата. Сопственикот на ресторанот Јашар Ајдин, со помош на претприемачот и студент по инженерство, Идрис Албајрак, го организираше испраќањето на „првиот ќебап“ во стратосферата.

Ќебапот е популарно јадење во Адана и се прави од јагнешко месо завиткано околу челична цевка. Ќебапот бил подготвен и псакуван во посебна кутија дизајнирана да издржи екстремни температури, која потоа била поврзана со балон со хелиум заедно со камери и уред за следење. Летот на ќебапот го следеа голем број луѓе и беше вистинско шоу додека го прелета јужниот дел на Турција.

Испратен е во стратосферата на 12 април, на годишнината од првиот лет со екипаж во орбитата на советскиот космонаут Јуриј Гагарин, кој го направи тоа на 12 април 1961 година. Гагарин тоа го направи во вселенското летало Восток-1, односно ракетата Восток-К лансирана од космодромот „Бајконур“ во Казахстан. Патувањето околу Земјата го направи за час и 29 минути на максимална надморска височина од 301 километар.

Турција сега испрати ќебап на воодушевување на насобраните маси, а по тричасовното патување балонот се искачи на висина од 38 километри, пукна и потоа со падобран падна во морето кај брегот на турската провинција Хатај.

Благодарение на локаторот, Ајдин и неговиот тим го пронашле ќебапот.

„Мислам дека вонземјаните го вратија затоа што содржеше премногу бибер. Следниот пат ќе испратам ќебап со помалку бибеп“, се пошегува Ајдин.

Неговата цел е ќебапот да го испрати уште подлабоко во вселената.

Треба да се каже дека ќебапот не ја напушти атмосферата поради балонот со хелиум, бидејќи за да го направи тоа, ќе требаше да ја помине границата од 100 километри надморска височина, односно да ја помине линијата Карман, границата меѓу Земјината атмосфера и вселената.

14.04.2022 - 19:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега