Тропски бран во Грција и Турција, температури над 40 степени
Почетокот на јуни го донесе првиот сериозен тропски и топлотен бран годинава во источниот дел на Медитеранот. Топла воздушна маса го зафати подрачјето од Грција преку Турција до Кипар и предизвикува температурите да бидат за 10 степени повисоки од просечните, а се очекуваат рекордни вредности за овој период од годината.
Јадрото на топол воздух, како што појаснуваат метеоролозите во регионот, се наоѓа на југот на Турција и Кипар. Температурите надминуваат 40°C, а најтопло ќе биде на југот на Турција, па во крајбрежниот град Анталија се очекува да достигне и до 44°C.
На Кипар најтопло ќе биде во централниот дел на островот, односно во главниот град Никозија, со температури до 43°C, а малку попријатно ќе биде на крајбрежните области на островот, со температури од 36 до 40°C.
Кога станува збор за другите региони на Турција, се очекува и многу потопло време, со температури во централните региони и во Анкара од 30 до 35°C, а најудобно и најпријатно ќе биде на брегот на Црното Море и во Истанбул, пренесуваат медиумите во регионот.
Според метеоролозите, кога станува збор за нашиот регион, тој ќе пристигне за време на викендот, така што кон крајот на оваа и почетокот на следната недела ќе биде многу топло, со температури над 35°C, со ведро време.
Истовремено, северниот и западниот дел на Европа и регионот на Алпите со денови се под влијание на значително постудена воздушна маса и дождливо време, при што температурите во регионот на Алпите и на западот на Скандинавија се движат од 10 до 15 °.
Снег падна на повисоките делови на Алпите, со температури под 0°C, а снежната линија се спушти на 2.000 метри надморска височина. Вистинска зимска бура ги зафати регионите на Алпите над 2.500 метри, па повеќе од еден метар снег падна во пограничната област меѓу Германија и Австрија.
Снегот ги парализира овие предели, а во туристичките центри донесе атмосфера како во средината на зимата.
Инаку, снегот е редовна појава на повисоките делови на Алпите, пишуваат светските медиуми.
Деновиве, над Европа има две многу изразени, сосема спротивни воздушни маси, топли од југоисток и студени од северозапад. Граничниот дел на раздвојувањето на овие воздушни маси е над нашето подрачје, Панонската Рамнина, централна Европа, источните делови на Алпите и над северниот дел на Јадранот, што доведе до развој на силни грмотевици и бури.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа