Трипуновски: Годинешниот род на сливата e во лоша состојба поради времето

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски утрово оствари работна средба со овоштарите и земјоделците од Делчево, Берово и Пехчево. Главна цел на разговорите беа пласманот и откупот на сливата од овогодишната реколта, која изнесува околу 2500 тони за овие три општини.

-За жал, родот е во лоша состојба, бидејќи имаше на почеток на годината град, а за тоа придонесе и топлото време, едноставно целава слива што се очекува ќе биде претежно намената за индустрија. Она што јас им го пренесов на земјоделците е дека како Министерство сме во сериозни преговори за еден откупувач од соседна Србија, кој што ќе откупи голема количина на слива од овој регион и дополнителни откупувачи за целата количина од 2500 тони, да се откупи родот, да не ни остане дома, рече Трипуновски.

Она што како Министерство денеска во името на Владата беше ветено на земјоделците, додаде, е дека нема да бидат оставени и препуштени сами на себе.

-Напротив како Влада ќе интервенираме со дополнителна мерка, за да ја компензираме загубата која што тие ја претрпеле. Ако вкупната цена на сливата оваа година се движи од 9 до 10 денари за кг, ние како Министерство како Влада сме спремни да доплатиме разликата до 14 односно 15 денари се со цел земјоделците да бидат задоволни и оваа мерка која што веќе на некој од наредните седници на Влада ќе ја поминеме како витална мерка ќе биде исплатена од интервентниот фонд веднаш по завршувањето на бербата, додаде министерот.

Најави дека земјоделците ќе ги добијат парите во рок од десетина дена веднаш по завршување на бербата, со цел да го компензираат трошокот и да биде стимул за веќе наредната година.

Како главен заклучок од денешниот состанок Трипуновски посочи дека за наредната година како Министерство сериозно ќе се работи да овој дел од земјава биде сериозно поддржан од делот на одгледување на оваа култура која најмногу успева на подрачјето на Пијанец и Малеш.

Поддршката, како што потенцираше, ќе се реализира со конкретни програми и мерки кои што ќе значат долгорочно решавање на проблемот со пласманот на сливата, што од друга страна ќе значи зголемен извоз во делот на преработка на примарен земјоделски производ кој со тоа ќе има ефекти и врз самата економија.

Трипуновски за следната 2025 година најави финансирање на изградба на дестилерии, преработувачки капацитети се со цел долгорочно да се реши проблемот, а не како досега од година на година, колку да се преброди годината.

17.08.2024 - 13:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега